Педагошки цели
Цел 1 : Да се идентификуваат ризиците и можностите поврзани со користењето на интернет од страна на младите.
Цел 2 : Да се сфати влијанието на алгоритмите врз начинот на којшто сурфаме на интернет.
Цел 3 : Да се разбере улогата на медиумската едукација во подигнувањето на свеста кај младите за добрите практики на интернет и дигиталното граѓанство.
Можности и ризици од интернет за младите
Интернетот и мобилниот телефон, покрај нивниот забавен карактер, нудат нова форма на социјализација, размена и пристап до знаење неопходно за денешните деца и адолесценти. Овие нови технологии претставуваат огромна можност за подобрување на квалитетот на животот на младите ширум светот и нудат неограничен пристап до знаење во сите области на нивниот живот (образование, здравје, наука, култура…). Но напредокот на дигиталната ера не е без ризици. Оваа виртуелна револуција создаде опасности и закани, често слични на оние од реалниот свет, со кои мораат да се соочат младите корисници.
УНЕСКО ги идентификуваше и класифицираше овие ризици што ги демнат младите онлајн. Тука спаѓа изложеноста на педофилска содржина, говор на омраза, лажни вести; исто така ризиците се поврзани со несоодветни реклами, комерцијални измами или манипулација со лични податоци.
Образованието е најдобриот начин за справување со овие закани кои му се закануваат на секој млад корисник во дигиталниот свет. Преку медиумска едукација, родителите и воспитувачите мора да им пренесат на младите добри практики за да останат безбедни на интернет.
Станува збор за соодветно управување со дигиталниот идентитет, преку поставки на социјалните мрежи или заштита на личните податоци. Важно е и поттикнувањето на дигитално граѓанство: почитување на приватноста на другите, размислување пред објавување содржина, почитување на правото на слика на врсниците… Овие основни правила се суштински за превенција од појави како сајбер вознемирување.
Подигање на свеста кај младите за филтер балони
Дигиталните платформи како Google и Facebook користат алгоритми за да ни предложат содржини според нашето однесување, односно претходните интеракции (кликови, лајкови, купувања, историја на пребарување). Преку алгоритмите, компаниите нудат персонализирана навигација, заснована на предвидувачка анализа, со цел да ги предвидат нашите очекувања. За интернет гигантите, целта е да влијаат врз нашето однесување со комерцијална цел.
Влијанието на алгоритмите не е банално. Тоа ги доведува интернет корисниците, особено младите, во состојба на филтер балони. Тоа е “состојбата во која се наоѓа интернет корисник кога информациите до кои има пристап се резултат на персонализација спроведена без негово знаење”. Терминот „филтер балон“ се однесува на изолацијата произведена од овој механизам: секој корисник добива различна и уникатна верзија на интернет. Ризикува да остане затворен во тесен дигитален универзум кој постојано нуди исти типови содржини. Ова алгоритамско затворање значително ги намалува изворите на информации, ја намалува внимателноста и ја еродира критичката мисла. Корисникот тогаш е лишен од отвореноста што интернет ја ветуваше и не се соочува со плуралитет на идеи и мислења, што е суштински за интелектуалниот развој.
Затоа медиумската едукација треба да го подигне нивото на свест кај граѓаните за опасностите од алгоритамско затворање. Разбирањето на неговата механика е суштински чекор за ослободување и збогатување на изворите. Тоа е клучен услов интернетот да ја исполни својата почетна ветувачка улога за еманципација и слобода.


