Образовни цели
Цел 1 : Совладување на концептот на теорија на заговор
Цел 2 : Можност за поврзување на конспирационизмот со говорите на омраза
Цел 3 : Разбирање на улогата на МИП (Медиумска и Информатичка Писменост) во борбата против конспирационизмот
Теории на заговор
Иако тоа не е навистина нов феномен, теориите на заговор последниве години имаат голем успех, особено преку нивното ширење на социјалните мрежи и пошироко на интернет.
Дефиниција : Теорија на заговор е раскажување или теоретски дискурс кој изгледа кохерентен и „логичен“ и кој се обидува да докаже, да открие постоење на мала група моќни луѓе кои тајно планираат нелегални и/или штетни дејствија што го менуваат текот на настаните или имаат цел да го доминираат светот.
Теоријата на заговор се разликува од лажната информација во смисла дека претставува структуриран сет на хипотези и манипулирани аргументи за поддршка на одредена теорија. Лажната информација понекогаш служи за аргумент во теориите на заговор, но не е секогаш поврзана со нив.
Медиумите и лажните информации сепак играат клучна улога во обемот на феноменот. Недовербата, па дури и отфрлањето на медиумите ја засилуваат вербата и кредибилитетот даден на теориите на заговор, особено во земји каде медиумите се гледаат како корумпирани или под контрола на политичкиот систем. Од друга страна, лажните информации користат исти механизми како и теориите на заговор (користење на страв, манипулација на факти итн.) и често се однесуваат на истите теми.
Неколку познати примери за теории на заговор :
- Илуминатите се тајно друштво во кое членуваат најмоќните личности во светот
- Земјата не е округла туку рамна
- Човекот никогаш не слетал на месечината
- Југославија се распаднала поради заговор меѓу Германија и Ватикан. Исто така постојат понови теории како оние за 5Г, коронавирусот или вакцините.
Говор на омраза и модерација на содржини со омраза
Теориите на заговор се централна точка во нашиот однос кон информациите и општеството. Тие се на половина пат меѓу предрасудите, политичките размислувања и верувањата, и често се поврзани со говор на омраза. Нивното ширење може брзо да создаде конфликтна средина. Таков е примерот со теориите за еврејски заговор на глобално ниво.
Дефиниција : Под говор на омраза се подразбира изразување на омраза преку реченица, текст, звук или слика кои изразуваат одбивање на другиот и кои можат да повредат, поттикнувајќи чувство на омраза. Кога ова изразување е јавно, тоа може да ги поттикне сведоците да чувствуваат омраза, да изберат страна и понекогаш да одговорат со слично или уште поголемо ниво на насилство. Тогаш зборуваме за поттикнување омраза.
Базирани на стереотипи или лажни верувања, овие содржини, во комбинација со недостиг на критичко мислење, доведуваат до поделби и насилство, промовирајќи постоење на жртвена заедница, одговорна и виновна, хранејќи параноја и предрасуди.
Пример : Ромската заедница често е цел на дискриминација и предрасуди кои ги опишуваат како нечесни или крадци, што им го отежнува пристапот до квалитетни работни места. Ромите се двојно повеќе изложени на невработеност отколку другите жители и многумина живеат во области без пристап до вода за пиење.
Модерацијата на одредени содржини со премногу омраза, особено на социјалните мрежи, заедно со едукација за граѓанство и медиумска писменост може да помогне да се ограничи патот што води кон физичко или морално насилство.
Дефиниција : Модерација значи бришење, цензурирање или дури и казнување на авторите на содржини со омраза за да се спречи нивно ширење. Тоа може да биде насилен коментар под објава, споделување статија, видео или фотографија што стигматизира одредена група луѓе или приватна размена преку е-пошта или пораки.
Борба против конспирационизмот
Дефиниција : Конспирационизмот ја означува тенденцијата злоупотребно да се претставуваат настани или феномени како резултат на организиран заговор. Тоа е начин на размислување или став кој ги негира вообичаено прифатените објаснувања на фактите и ги заменува со постоење на заговор со скриена и мрачна цел.
Последици од конспирационизмот :
- Генерира говор на омраза
- Создава прифаќање на непроверени теории
- Затвора во логика на недоверба и лажни верувања, со што се ограничуваат дебатите на идеи.
- Може да ги отежне напорите на контролните механизми кои се обидуваат да ги откријат вистинските политички малверзации или судирите на интереси кои можат да постојат.
Средства за ограничување на конспирационизмот :
- Преку регулација и ограничување на содржини со омраза и лажни информации (fact-checking, одговорност на платформите на социјални мрежи и сл.).
- Со развивање на критичката свест на граѓаните преку образование за медиуми и информации со цел :
- Да се преиспита пристапот на заговорите: Дали доказите навистина се доволни?
- Да се охрабри претпазливост за да се стане и остане внимателен граѓанин (Да не се меша претпазливост со недоверба и да не се меша сомнеж со подозрение.)
- Да се канализира критиката и да се овозможи подобро информирање преку логичен и проверлив пристап – и конечно, да се земе дистанца кон светот околу нас.


