Презентација на активноста

„Телефон без жица“ е активност во која учесниците се повикани да играат и заедно да сведочат за изобличувањата што може да ги претрпи еден говор или настан преку постојано споделување и ширење, на социјалните мрежи како и во секојдневниот живот. Оваа вежба овозможува да се отвори прашањето за изобличувањето на изјавите што циркулираат на интернет и да се објаснат тие изобличувања и последиците што може да ги предизвикаат, особено ако тие изјави директно се однесуваат на поединци или заедница.

На почетокот, една личност измислува приказна, ја шепоти на увото на својот сосед, кој прави исто, и така натаму, сè додека сите учесници не ја слушнат и формулираат својата верзија на приказната.

За време на дебата на крајот од вежбата, обучувачите можат да го разгледаат ова прашање на интерпретација и субјективни предрасуди во ширењето на информациите.

Варијација на вежбата :

  • Можно е да се даде фотографија, слика или кратко видео на првиот учесник, за да му раскаже на својот сосед што гледа, без овој последниот самиот да ја види сликата, а потоа усно да ја пренесе информацијата на следниот учесник, и така натаму. На крајот од вежбата на групата ќе ѝ се открие почетната слика и ќе се набљудуваат измените што таа ги претрпела.

Тек на активноста

1. Подготовка на активноста: Обучувачите најпрво треба да подготват една или повеќе приказни за „телефон без жица“, или да најдат слики кои илустрираат некоја акција или настан за да има што е можно повеќе елементи за земање предвид. Комплексноста на приказната или сликата ќе ја промени тежината на вежбата.

2. Поставување на играта: Обучувачите ги даваат упатствата и ја соопштуваат својата верзија на приказната на првата личност или му ја покажуваат избраната слика.

3. Тек: На почетокот учесниците седат и формираат голем круг. Првата личност ја шепоти својата приказна (или опишува слика) на увото на личноста која седи десно од неа. Оваа личност ја шепоти својата верзија на увото на следната личност сè додека сите не ја слушнат приказната. Последната личност го повторува на глас тоа што го слушнала. Групата ја споредува оваа верзија со онаа што ја раскажала првата личност и ги забележува разликите.

4. Заедничка дискусија/колективна дебата преку одговорите на прашањата (напишани на табла): како се промени приказната кога беше раскажана повеќе пати? Што влијае на начинот на кој слушаме и интерпретираме информација? Какво влијание имаат нашите искуства и интереси врз нашите гледишта? Дали во одредени моменти луѓето слушаат повеќе различни интерпретации на иста приказна и почнуваат да се прашуваат која верзија е најточна? Ако секој гледа и слуша сè малку поинаку, како да знаеме дали приказната е точна? Какви чувства ви предизвикуваат измените направени на приказната? Споредете го чувството на личноста која ја започна приказната со чувството на остатокот од групата. Што се случува ако станува збор за лична приказна и значењето на приказната е изменето? Дали би биле подготвени да го споделите извештајот од оваа активност на Интернет?