Презентација на активноста
Целта на оваа вежба е да ги наведе учесниците да ги усвојат алатките за проверка на информации и да ги охрабри да си поставуваат вистински прашања кога се соочуваат со сензационални информации.
За време на оваа вежба тие ќе треба да препознаат меѓу неколку статии/информации на интернет кои се манипулација и можат да се класифицираат како „Fake News“ и оние што се засновани на признати и проверени информации. Конечно, тие ќе треба да ја објаснат природата на овие лажни информации со одговарање на неколку прашања за да се отвори поширока дискусија за манипулацијата со информации.
Можни варијанти :
- Работата на проверка може да се изведува во групи или индивидуално.
- Статиите можат директно да им се достават на учесниците на компјутерите (преку USB клуч или по е-пошта) или да се прикажат на екран со проектор (учесниците тогаш ќе треба да ја најдат статијата пред да ја класифицираат како „Fake News“ или „Не е Fake News“).
Тек на активноста
1. Подготовка на статиите : За оваа вежба фазата на истражување и селекција на статиите е важна бидејќи ќе ја одреди успешноста на активноста. Статиите треба да ги наведат учесниците на анализа, размислување и критичко мислење. Препорачливо е да се земат „вистински“ информации кои се изненадувачки или сензационални за да се покаже дека работите не се секогаш очигледни и дека токму затоа треба критички да се размислува. Исто така е подобро да се изберат различни видови лажни информации, на пример една Fake News за науката, една за политиката, една за славна личност итн. Статиите за анализа не треба да надминуваат 6, за да не се оптовари вежбата.
2. Подготовка на просторијата : Распределете ги учесниците по групи или индивидуално на компјутери.
3. Дистрибуција на статиите : Учесниците ќе добијат статии врз кои ќе треба да работат за да одредат во која категорија ќе ги класифицираат (лажна информација или проверена и сигурна информација).
4. Работа на проверка : Учесниците треба да ја применат методата за проверка на информации и новинарскиот пристап (види „ФИША 7 – Пристапување кон информацијата со критичко мислење“). Можно е оваа метода да се претстави пред вежбата или да им се остави слобода на учесниците да ја изберат својата постапка. Методата може да дојде природно кај младите. Меѓутоа, ако таа не е објаснета на почетокот, важно е да се разгледа на крајот. Дополнително, бидејќи постојат бројни веб-страници за „fact-checking“, некои лажни информации можеби веќе ќе бидат проверени, па учесниците ќе можат да ги користат, но ќе треба да разберат како е извршена проверката и во случај на Fake News, кој процес бил употребен.
5. Презентација : Откако работата ќе заврши, секој го дава својот резултат „Fake News или не“. Можно е статиите да се прикажат на екран и групите да кажат „Fake News“ за лажна информација и „Не е Fake News“ за вистинска информација. Во зависност од направените грешки, ќе треба да се разбере зошто се случиле и потоа да се направи проверка/корекција. Дополнително, можно е да се воведат варијанти кои ги активираат учениците, на пример да се постават во просторијата според нивниот одговор (десно за Fake News, лево за вистинска информација), или да им се дадат обоени листови хартија за да ги покажат своите одговори (црвен лист за Fake News, зелен лист за проверени информации).
6. Заклучок : За да се поттикне подлабока рефлексија и да се отвори дискусија, препорачливо е да се постават неколку прашања на учесниците, на пример :
- Која беше целта на овие лажни информации (измама, поттикнување омраза, промовирање личност, изборна цел…)?
- Кој метод беше употребен во овие лажни информации (манипулација на слика, деконтекстуализација, измена на вистинска информација…)?
- Дали работата беше долга и дали можете да ја повторите во секојдневниот живот?
Овие прашања можат да послужат за воведување на други теми во педагошките материјали, како на пример Fact-Checking.
Адаптација на активноста онлајн
- Менторот треба да создаде линк на платформата за видеоконференции ZOOM и да го испрати на младите (може да се користи и друга платформа ако менторот ја познава).
- Откако сите ќе бидат собрани во „виртуелна сала“, менторот ги дели младите по групи.
- Менторот им доделува статии на групите.
- Групите ја напуштаат главната сала и влегуваат во „приватни сали“ (можно преку ZOOM). Тука групите можат да истражуваат на интернет и да ги класифицираат статиите како „лажна информација“ или „проверена и сигурна информација“. Секој може да работи самостојно и да комуницира со членовите на групата преку чет или видеоконференција.
- Презентацијата се одржува во главната „виртуелна сала“. На оваа фаза, портпаролите на групите, претходно избрани од менторот, ги даваат своите одговори и објаснувања во име на групата.
- Менторот може да ја води дебатата врз основа на направените грешки и да ја отвори темата за Fake News, нивните механизми на создавање и ширење, како и нивните цели и влијание.


